Македонскиот репрезентативец Џејкоб Вајли од новата сезона повторно ќе биде дел од европската кошарка откако последните месеци ги помина во Порторико.
Американецот со македонски пасош е нов играч на вториот најтрофеен литвански клуб Ритас со кого потпиша договор на една сезона. Клубот од Вилнус е седумкратен шампион на својата земја и еден од само двата кои од осамостојувањето на Литванија освојувале шампионски титули, заедно со Жалгирис.

Договорот меѓу Вајли и Ритас доаѓа во момент кога крилниот центар се наоѓа со македонската репрезентација во претквалификациите за Светското првенство во 2027 година. Американецот одигра извонредно против Романија што и беше очекувано ако се знае дека е убедливо најискусен и најквалитетен играч во актуелниот состав на националниот тим.
Пред да замине во Порторико, тој настапуваше во шпанското првенство каде просечно постигнуваше по 8,3 поени и 3,7 скока. Ритас во новата сезона ќе настапува во ФИБА Лигата на шампионите и тоа во групата А, заедно со Промитеас од Грција, Легија од Полска и Хајделберг од Германија.


