Откако вчера се судрија во Љубљана, репрезентациите на Германија и Словенија утре ќе одиграат уште еден пријателски меч, овојпат во Манхајм, но на него нема да настапи кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс, Лука Дончиќ.
Селекторот Александер Секулиќ одлучи да го одмори најдобриот играч на Словенците кој во текот на оваа недела се приклучи на подготовките и се уште не е во натпреварувачки ритам. И Германците вчера во Стожице не беа комплетни, бидејќи не настапија Денис Шредер, Даниел Тајс и Маодо Ло.
За Дончиќ ќе има време да се разигра затоа што идната недела Словенија ја очекуваат дуели со Литванија и Летонија, на 19 август се среќава со Велика Британија, а два дена подоцна со Србија во Белград што ќе биде генерална проба пред почетокот на Еуробаскетот.


