Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски во новата сезона ќе биде член на италијанскиот прволигаш Тренто, а со него најверојатно ќе учествува во дури четири натпреварувања.
Сезоната ќе ја отвори со Суперкупот на Италија каде Тренто ќе учествува по четврти пат во историјата, сега како актуелен освојувач на Купот. Во полуфиналето ќе се сретне со Бреша, а втората двојка ја сочинуваат најтрофејните италијански екипи Виртус кој е актуелен шампион и Олимпија Милано. Суперкупот на Италија ќе се одржи на 27 и 28 септември. На дуелот против Бреша, Јакимовски ќе го забележи дебито на официјален натпревар во дресот на својот нов клуб.
Покрај Суперкупот на Италија, Тренто ќе учествува и во Лега А и Еврокупот, додека настапот во Купот на Италија зависи од пласманот по првиот круг од првенството.
Подготовките на Тренто официјално почнуваат на 18 август, а македонскиот репрезентативец ќе замине за Италија в четврток.


