Со трејдот во Лос Анџелес Лејкерс во февруари, Далас Маверикс се спаси од продолжување на договорот со Лука Дончиќ кој за пет години требаше да добие 345 милиони долари.
Таков договор можат да потпишат само кошаркари кои поминале најмалку седум години во ист тим во НБА, биле МВП или во претходните три сезони, барем два пати биле избрани во најдобрата петорка во лигата. Дончиќ исполнуваше два од тие три услови и затоа беше исклучително лут кога дозна дека е трејдуван во Лејкерс.
Сепак, парите кои требаше да ги заработи во Далас, секако ќе ги добие во тимот од Лос Анџелес, па дури и повеќе. Неодамна тој потпиша тригодишен договор за 165 милиони долари, а откако ќе го одработи, му се „смешка“ уште еден, петгодишен договор за вкупна сума од 417 милиони долари. Таков можат да потпишат само кошаркари кои најмалку една деценија се во НБА лигата.
Ова значи дека до 2033 година, Дончиќ ќе заработи вкупно 582 милиони долари, а и тогаш може да не биде крајот бидејќи тој ќе има 34 години и секако уште некоја сезона пред него. Тоа ќе го направи еден од најплатените кошаркари во историјата на НБА, сметајќи ги само договорите со франшизите. Тука не влегуваат спонзорските договори, како и средствата што ќе ги добие од продажба на реквизити со неговото име со што сигурно во кариерата ќе надмине една милијарда долари.


