Тенка е линијата од четвртфинале до борба за пласман од 9. до 16. место на Европското првенство.
Тоа најдобро на своја кожа го почувствува кадетската репрезентација на Македонија која го освои четвртото место во својата група откако денеска ја совлада Словачка со 84-60. Поради трите несреќни порази, од Ирска, Кипар и БиХ, изразени меѓу три и шест поени разлика и во натпревари во кои водеа во голем дел, нашите млади кошаркари не се во топ-8 и во борба за медалите.
Целиот гнев за досегашните фрустрации, македонската репрезентација ја истури врз Словачка која ја прегази во секој елемент, покажувајќи дека во неа, сепак, има квалитет за високи дострели. Македонија ниеднаш не беше во негатива на овој меч, а во водство се наоѓаше повеќе од 39 минути. Дури, освен 0-0, ниеднаш не беше нерешено, нашите кошаркари отворија со 6-0, на средина од првиот квартал имаа двоцифрена предност (16-6) и до крајот победата ниеднаш не беше доведена во прашање.
Павел Ѓиновски повторно беше најефикасен, со 18 поени, Сотир постигна 14, а Беговски и Илиев по 10.


