Кадетската репрезентација на Македонија ќе се бори за пласман од 13. до 16. место на Европското првенство Б-дивизија во Скопје откако денеска загуби од Шведска со 79-84, во првиот меч од нокаут фазата.
Со тоа и оваа репрезентација, како и претходните три кои настапија досега, испуштија можност да завршат меѓу најдобрите 10 на шампионатот на кој учествуваат. Шведска денеска сосема заслужено стигна до триумфот, водеше безмалку цел натпревар, а македонската репрезентација дури во финишот внесе драматика и дури се закани со пресврт.
Гостите уште во првата четвртина имаа двоцифрена предност (20-8), во вториот период водеа со 36-21, а највисоката предност ја имаа во третиот квартал кога поведоа со 67-49. Македонија се разигра дури во финишот, по 62-77, нашите кошаркари направија 15-2 и се доближија на само два поена негатива (77-79) на нешто помалку од две минути пред крајот. За жал, тоа беше се, македонската репрезентација потоа промаши два шута, Шведска постигна три слободни фрлања по ред и отиде на 82-77 на 26 секунди пред крајот, па немаше време за целосен пресврт.
Теон Бошковски го одигра својот најдобар натпревар на првенството, постигна 27 поени со 9 скока, а се истакна и Дион Шабани со 21 поен, 7 скока и 6 асистенции за индекс 33.


