Уште 12 дена остануваат до почетокот на Европското првенство кое од 27 август до 14 септември ќе се одржи во Кипар, Финска, Полска и Летонија.
Ова ќе биде 42. континентален шампионат, титулата ја брани Шпанија, а од оваа репрезентација доаѓа и најдобариот стрелец во историјата на европските првенства. Станува збор за Пау Гасол кој на седум шампионати и 58 одиграни натпревари, постигна вкупно 1.183 поени, со просек од 20,4 по меч. На сите седум првенства на кои играше Гасол, Шпанија освои медали: три златни и по два сребрени и бронзени.
Покрај Гасол, само уште тројца кошаркари ја минале границата од 1.000 поени на европските првенства: Тони Паркер (1.104), Дирк Новицки (1.052) и Никос Галис (1.031). Тешко дека оваа граница ќе биде достигната во иднина бидејќи од 2022 година (поради корона пандемијата беше одложено од 2021), овие шампионати се играат на четири, место на две години како што беше порано. Ниеден од активните кошаркари и оние кои ќе настапат на претстојниот Еуробаскет во моментов не се наоѓа во топ-10 најдобри стрелци.


