Македонската У16 репрезентација го загуби и првиот натпревар за пласман од 13. до 16. место и утре ќе се бори за 15. позиција на Европското првенство Б-дивизија во Скопје.
Подобра од нашите млади кошаркари денеска беше Бугарија која славеше со 70-65, нанесувајќи ѝ го на Македонија шестиот пораз во седмиот натпревар од шампионатот. Утре, за 15. место, кадетската селекција ќе се бори против Велика Британија.
Бугарите денеска го диктираа темпото безмалку цел натпревар, со исклучок на крајот од првата и половина од втората четвртина. Најблиску до пресврт, македонските кошаркари на средина од последниот период кога во два наврата се доближија на саммо еден поен негатива, но не успеаја да преминат во водство. Со четири поени по ред, бугарските кошаркари ставија точка на сите дилеми околу победникот.
Стефан Илиев денеска беше најефикасен со 18 поени, но се истакна Лука Чучанов со уште еден дабл дабл, овојпат со 15 поени и 12 скока.


