Со една победа и седум порази, машката кадетска репрезентација на Македонија денеска го заврши својот настап на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Скопје.
Во последниот меч, нашите млади кошаркари загубија од Велика Британија со 76-88 и го освоија 16. место во конечниот пласман. Одлучувачка се покажа првата четвртина која Британците ја добија со 26-16, додека во останатите три периоди репрезентациите беа рамноправни.
Македонската репрезентација се наоѓаше во водство само во воведните минути, најмногу со пет разлика (8-3), а се останато помина во знакот на Британците. Највисоката предност на противникот изнесуваше 16 поени (47-31).
Дион Шабани со 23 поени беше најефикасен во нашиот тим, Илиев додааде 13, а Беговски 11 поени. Летово, ниедна македонска младинска селекција не успеа да се пласира во горниот дел од генералниот пласман, а останува уште настапот на женската кадетска селекција која почнува в среда.


