Од 20 до 29 август во Истанбул ќе се одржи Европското кадетско првенство Б-дивизија во женска конкуренција на кое ќе настапи и македонската репрезентација.
Нашата селекција е во групата Д, со Грција, Литванија, Бугарија и Украина, а со неа завршуваат настапите на македонските младински репрезентации за ова лето. Кадетките денеска заминаа за Истанбул, а својот прв натпревар ќе го имаат утре, против Грција.
„Подготвителниот период го започнавме непосредно пред почетокот на олимпискиот младински фестивал кој се одржа во Македонија. На тој олимписки турнир одигравме пет одлични натпревари со многу силни репрезентации од самиот врв на „А“ дивизијата, кои ни помогнаа да видиме со што располагаме во дадениот момент, бидејќи настапивме со некомплетен состав, имавме пет играчи во репрезентацијата У18 што играше на Eвропското првенство во Литванија. По комплетирањето на екипата одигравме две пријателски средби со селекцијата на Бугарија кои ги искористивме што подобро да ја воиграме екипата.

Како предност на нашиот состав на ова Европско првенство ја гледам тимската игра и еден доста избалансиран ростер во кој може да одиграат сите 12 играчи. На ова Европско првенство се наоѓаме во многу квалитетна група со репрезентациите на Грција, Литванија, Бугарија и Украина и би биле презадоволни доколку би се пласирале на некоја од првите три позиции во групата“, изјави селекторот на македонската репрезентација Оливер Стојмановиќ.
Најголеми адути на оваа селекција ќе бидат Колева, Трајковска, Начевска, Пислевска и Груевска кои беа и меѓу најдобрите во јуниорската репрезентација што минатиот месец настапи на Европското првенство.
СОСТАВ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА
Теа Трајковска
Вања Милосављевиќ
Глорија Груевска
Ана Сарафилоска
Мила Начевска
Ива Димитријевиќ
Ива Колева
Нина Карајованова
Марија Димитровска
Кјара Анастасова
Сиандра Зиба
Јана Пислевска
СЕЛЕКТОР: Оливер Стојмановиќ
Асистент-тренер: Атанас Димов
Асистент-тренер: Јасмина Герасимовска-Николиќ
Физиотерапевт: Ана-Марија Јованова
Доктор: Ивана Хaрбов
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
20.08.2025 Македонија – Грција 17:00
22.08.2025 Македонија – Бугарија 12:00
24.08.2025 Македонија – Литванија 19:30
25.08.2025 Македонија – Украина 17:00


