На осум дена пред почетокот на Европското првенство, кошаркарската репрезентација на Србија има најдобри резултати од сите кои играат подготвителни натпревари со што апсолутно ја оправдува фаворитската улога.
Досега, кошаркарите на Светислав Пешиќ одиграа шест натпревари и остварија исто толку победи, а генералната проба ја имаат в четврток против Словенија на домашен терен. Непоразени се уште Литванија, Италија, Франција и Финска, но тие имаат помалку одиграни натпревари, меѓу три и пет.
Притоа Србите покажаа и завидна ефикасност бидејќи на три меча далеку ја надминаа границата од 100 поени (126-89 со БиХ, 122-55 со Кипар и 113-84 со Чешка), а го победија уште и светскиот шампион Германија, потоа Грција и ко-домаќинот на Европското првенство, Полска.
За разлика од Србија, Литванија, Италија, Франција и Финска, има пет репрезентации што ќе учествуваат на Еуробаскетот, а не остварија ниедна победа на подготовките. Словенија, Чешка и Грузија имаат 0/4, Велика Британија е на 0/3, а Кипар на 0/2. Вечерва во Љубљана играат Словенија и Велика Британија, па една од овие две селекции ќе стави крај на серијата порази на подготовките.


