Словенечката кошаркарска репрезентација ја оствари првата победа на подготовките во пресрет на Европското првенство откако вечерва во Стожице ја совлада Велика Британија со 93-81.
Триумфот е исклучително значаен за кревање на самодовербата на европскиот шампион од 2017 година, но уште повеќе поради сознанието дека Лука Дончиќ не само што нема последици од повредата доживеана во саботата против Летонија, туку се наоѓа во фантастичен ритам. Кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс беше блиску до трипл дабл, постигнувајќи 28 поени, 10 асистенции и 6 скока, на задоволство на навивачите кои ги исполнија трибините на последниот тест натпревар на домашен терен ова лето.
Словенците доминираа три четвртини, водеа и со 24 поени разлика, но во финишот, кога се беше решено, Британците успеаја да намалат половина од оваа негатива и да се изборат за пристоен пораз.
За Словенија останува уште еден контролен натпревар, против Србија во Белград за два дена, а на Европското првенство се наоѓа во групата во Полска, заедно со домаќинот, Франција, Белгија, Израел и Исланд.


