На почетокот на оваа недела, еден од најталентираните македонски кошаркари Алексеј Нешовиќ замина за Америка каде ќе го продолжи своето образование и кошаркарска надградба.
Во новата сезона тој ќе настапува за кошаркарскиот тим на средното училиште North Broward Preparatory School од Мајами каде воедно и ќе го продолжи своето школување. Со училиштето потпиша договор на една година, со можност за продолжување на уште една и ако остане следните две години, таму ќе ја дочека и својата матура. Деновиве се аклиматизира, а од понеделник ќе почне со работа, односно тренинзи во новата средина.
Покрај себе, Нешовиќ ќе има одлични тренери со повеќегодишно искуство на работа со кошаркари во младинските категории, односно средношколци. Станува збор за Кејси Волеб и Лукас Вудхаус, двајцата поранешни кошаркари кои настапувале во НЦАА.
Нешовиќ во септември ќе наполни 17 години, висок е 204 сантиметри, а последните сезони настапуваше во младинските екипи на Работнички. Летово имаше понуда да потпише професионален договор со 15-кратниот шампион на Македонија и да игра за првиот тим, но тој сепак одлучи да замине во САД. Лани беше член на кадетската репрезентација на Македонија која настапи на Европското првенство Б-дивизија во Скопје, а во моментов е на поширокиот список на јуниорската селекција која се подготвува за Еуробаскетот во Белград.


