Репрезентацијата на Литванија ја потврди фаворитската улога и со убедлив триумф го отвори Европското првенство.
Балтичката селекција ја совлада Велика Британија со 94-70 што и не е големо изненадување ако се има предвид квалитетот на двете екипи. Литванците славеа и покрај тоа што имаа очаен шут од дистанца, погодувајќи само две тројки од 19 обиди.
Она што не одеше, литванската репрезентација го покри со одличен скок и добра одбрана што резултираше со голем број лесни поени од контранапади. Доминацијата во скокот беше еден од главните фактори за триумфот на Литванија имајќи предвид дека оваа екипа дури 26 прифатени топки повеќе од противникот (57-31).
Тимската игра очигледно ќе биде главен адут на Литванцие што и се покажа на овој натпревар на кој сите кошаркари добија минутажа, а никој не помина повеќе од 24 минути на теренот. Јонас Валанчиунас со 18 поени и 9 скока беше најдобар играч во оваа селекција, Тубелис додаде 17, а Нормантас и Јокубаитис по 12. Акваси Јебоа со 17 поени ја предводеше Велика британија која настапи ослабена, без Оласени кој има повреда на грбот.


