Репрезентацијата на Турција ќе има што да каже на Европското првенство кое стартуваше денеска и тоа го демонстрира веќе во првото коло во кое имаше дерби дуел.
Пред 11 илјади гледачи во арената во Рига, Турците го прегазија домаќинот Летонија со 93-73, покажувајќи игра зрела за борба за највисок пласман. Најава за конечниот исход имаше веќе во првите три минути во кои Турција постигна 13 поени и стекна двоцифрена предност. Раниот тајмаут на Лука Банки им помогна на Летонците само да го запрат почетниот налет на противникот и да се доближат на 21-24 на крајот од првата четвртина.
Веќе во вториот период повторно проработе играта на Турците на двата краја од теренот, контролата на скокот и тоа донесе резултат. Шенѓун и Јуртсевен ги контролираа рекетите, а од дистанца решетаа Ларкин, Осман, Сипахи и Хазер, но домаќинот на голем одмор замина со пристојна негатива, од достижни осум поени (39-47).
Сепак, на стартот од третата четвртина целосно се распадна играта на летонската репрезентација, повторно Шенѓун иницираше серија, а Џеди Осман врза три тројки со кои Турција се одлепи на +18 (67-49). Во финишот разликата се качи до 26 поени (88-62), па домаќините некако успеаја да симнат на 20 што секако е убедлив пораз на домашен терен.
Осман го заврши натпреварот со 20 поени, еден помалку постигна Сипахи со шут за тројка 5/5, а Турците погодија дури 15 тројки од 25 обиди (60%). Рихардс Ломас со 16 поени ја предводеше летонската репрезентација, а тотално разочара Кристапс Порзингис кој постигна 10 поени, но со шут од игра 3/12 (0/5 за тројка) и шест загубени топки за индекс 1 и -17 во категоријата +/-.


