Србија оствари лесна и убедлива победа на стартот од Европското првенство, но селекторот Светислав Пешиќ сепак беше нервозен на прес-конференцијата по натпреварот со Естонија.
Причините за тоа не лежат во играта на неговите кошаркари, туку во организацијата на настаните на шампионатот. Конкретно, тој беше лут што прес-конференцијата почна многу доцна.
„Пред се, имам едно барање до организаторите, сега е 23:20 часот. Обидете се да го почитувате нашето време, не можеме да останеме толку долго по натпреварот и да ја чекаме прес-конференцијата. Подготвен сум на се, сакаме да почнеме, но ова е премногу“, рече Пешиќ.
За среќа, неговите кошаркари утре немаат натпревар и дуелот од второто коло, против Португалија, го играат в петок од 20:15 часот.


