Италија и Грција вечерва во Лимасол го играат дербито на денот на Европското првенство, а очекувано, грчката репрезентација има поголема поддршка од трибините.
Сепак, фановите на оваа селекција изненадија со гестот кој наиде на одобрување кај сите љубители на кошарката. Во текот на целото прво полувреме, на една од трибините во арената стои банер со поддршка за италијанскиот репрезентативец Акиле Полонара кој се бори со леукемија.
„Напред, Акиле Полонара“, пишува на италијански јазик на банерите на грчките навивачи кои и неколку пати го скандираа неговото име.
Полонара требаше да игра на ова Европско првенство, но пред крајот на клупската сезона му беше констатирана леукемија поради која привремено ја прекина кариерата.


