Едно малку полошо издание беше доволно на површина да ги извади сите проблеми во српската репрезентација.
Најголемиот фаворит за титулата на Европското првенство се намачи против аутсајдерот Португалија во мечот во кој сите очекуваа победа со најмалку 25 разлика. На крајот беше 80-69, но љубителите на кошарката можеа да ја видат и другата страна на српската репрезентација.
По само четири минути игра беше исклучен Филип Петрушев поради тоа што со бокс удри противнички кошаркар. Новиот играч на Дубаи синоќа е казнет, но со 5.000 евра и може да биде среќен што не доби суспензија. Уште поголем проблем е повредата на задната ложа на капитенот Богдан Богдановиќ кој излезе од игра во втората четвртина и повеќе не се врати во игра. Денеска треба да се знае повеќе за неговата состојба, но со оглед на тоа што Европското првенство трае уште две недели, не е исклучено да пропушти голем број натпревари, ако не и сите до крајот.
Последниот проблем кој треба да го реши Пешиќ е однесувањето на Василије Мициќ кој покажа јасни знаци на нервоза откако беше повлечен од игра во второто полувреме. Камерите го фатија новиот играч на Хапоел Тел Авив како зборува се и сешто додека седнува на клупата, а навивачите и некои српски стручњаци го обвинија дека ја расипува атмосферата во тимот и дека воопшто не ни заслужил да има место во репрезентацијата бидејќи последните две сезони во НБА повеќе седеше на клупа, отколку што играше.
Како последица на сето ова, селекторот Светислав Пешиќ го откажа утринскиот тренинг, а репрезентацијата на Србија во 17 часот ја очекува дуел со домаќинот Летонија што ќе биде прв посериозен тест за неа на ова првенство.


