Капитенот на српската репрезентација Богдан Богдановиќ го заврши својот настап на Европското првенство, објавија утринава медиумите кај нашиот северен сосед.
Повикувајќи се на неименуван извор од САД, тие тврдат дека кошаркарот на Лос Анџелес Клиперс има руптура на мускулот на задната ложа, повреда која бара мирување од неколку недели. Неиграњето на еден од најдобрите шутери ќе биде огромен хендикеп за српската репрезентација и покрај тоа што во неа има голем број прекалени борци и искусни кошаркари, пред се бидејќи 33-годишниот кошаркар е капитен и лидер на овој тим, на и надвор од теренот.
Богдановиќ се повреди во втората четвртина од дуелот против Португалија, во второто коло од Европското првенство. Ако Србија ја освои титулата, тој ќе добие златен медал, но нема да може да им помогне на своите соиграчи во овој поход.


