Репрезентацијата на Италија е на чекор од пласман во осминафиналето на Европското првенство откако вечерва ја совлада Босна и Херцеговина со 96-79.
Апсолутен херој на „аѕурите“ беше Симоне Фонтекио кој го собори рекордот на оваа селекција, постигнувајќи 39 поени. Погоди седум тројки од десет обиди, а додаде уште осум скока и три асистенции и го заврши натпреварот со индекс 41. Досегашниот рекорд на Италијанците беше Андреа Барњани кој во 2011 година постигна 36 поени.
Натпреварот го одбележа и исклучувањето на селекторот Џанмарко Поцеко кој беше испратен во соблекувална затоа што влезе во теренот. Со оваа победа Италија уште повеќе се доближи до нокаут фазата бидејќи по три кола има биланс 2/1, а ѝ преостанува дуел со аутсајдерот Кипар во последното коло. Од друга страна, БиХ ќе мора да ја победи Грузија ако сака да влезе меѓу 16. најдобри на шампионатот.
Во последниот меч од денешната програма, Полска го совлада Исланд со 84-75 и веќе обезбеди пласман во осминафиналето.


