Репрезентацијата на Турција ја оствари и четвртата победа на Европското првенство и во директен дуел со Србија во последното коло ќе одлучува за првото место во групата А.
Турците без поголеми проблеми ја совладаа Естонија со 84-64 и во првите четири меча победуваа просечно со по 23,8 поени. Дуелот со Србија се игра в среда и тој ќе одлучи кој ќе заврши како првопласиран во ова друштво.
Денеска резултатска неизвесност не постоеше, Турција ја доби првата четвртина со 25-13, на полувреме имаше +19, па второто полувреме остана само формалност. Естонија немаше сили за изненадување, а веројатно и се чуваше за одлучувачкиот дуел против Португалија во последното коло.
Алперен Шенѓун повторно беше најдобар турски кошаркар со 21 поен, 8 скока и 5 асистенции, Ерџан Османи оствари дабл дабл со 14 поени и 10 скока, а Адем додаде 12 поени. Кристијан Куламае ги предводеше Естонците со 16 поени.


