Репрезентацијата на Литванија има големи шанси да го освои второто место во својата група откако вечерва ѝ го нанесе првиот пораз на Финска.
Европскиот првак од 2003 година славеше со 81-78, но големиот триумф го засени повредата на Рокас Јокубаитис кој го свитка скочниот зглоб, го напушти теренот и повеќе не се врати во игра. Тој е еден од најдобрите литвански кошаркари на овој шампионат и неговото евентуално отсуство сигурно ќе биде голем хендикеп за оваа репрезентација во продолжение.
Литванците завршија голема работа во втората четвртина која ја добија со 25-15, во последната водеа и со 15 разлика (65-50), но дозволија Финска да се доближи на еден посед негатива во финишот, благодарение на неколку тројки во низа. Сепак, во клучните моменти, кошаркарите на Римас Куртинаитис знаеја како да ја задржат предноста и да дојдат до триумфот.
Во пресрет на последното коло, во кое Финска игра со Германија, Литванија и Финска имаат биланс 3/1, но селекцијата на поранешната советска република има далеку полесна задача бидејќи за противник ја има Шведска.


