Да беше се в ред, Акиле Полонара во моментов ќе учествуваше на Европското првенство и на него ќе се базираше играта на „аѕурите“.
За жал, на искусниот кошаркар пред неколку месеци му се врати старата болест и тој се бори со леукемија додека неговите соиграчи и пријатели бијат битка на континенталниот шампионат. Иако физички не е со нив, Полонара, како што тврди селекторот Џанмарко Поцеко е во речиси постојан контакт и им носи среќа кога ќе им се јави.
„Против Грција му реков дека ќе му се јавам половина час пред натпреварот. Не успеав да го добијам и загубивме. Пред Грузија му реков дека мора да се слушнеме, се јави и победивме. Исто беше против БиХ и вчера против Шпанија. Можеби мислите дека е случајност, но не е“, тврди Поцеко.
Италија обезбеди пласман во осминафиналето од Европското првенство, но во последното коло ќе дознае на кое место во групата ќе заврши и кој ќе ѝ биде противник во следната фаза.


