Црна Гора претрпе шокантен пораз од Велика Британија во последното коло од групната фаза на Европското првенство и со тоа ги загуби шансите за пласман во осминафиналето.
Освен што си заминува дома, црногорската репрезентација останува без својот најдобар играч во моментов и еден од најдобрите во историјата Никола Вучевиќ кој денеска одигра фантастично, оствари индекс 40, но не успеа сам да ја победи Велика Британија. По завршувањето на мечот Вучевиќ се расплака, а на прес-конференцијата го потврди своето заминување од националниот тим.
„Големо разочарување за нас. Би сакал да ѝ честитам на Велика Британија за одличниот натпревар, ја заслужи победата, противничките кошаркари беа подобри, поагресивни и направија се за да победат. Имавме голема шанса, но не игравме како што треба. Така е понекогаш, а за мене е лошо што на ваков начин ја завршувам репрезентативната кариера. Би сакал да им се заблагодарам на соиграчите, сите тренери, сите во Сојузот и особено на навивачите. Ќе ми недостасува играњето за репрезентацијата. Би сакал поинаку да се завршеше, но време е идната генерација да остави своја трага“, рече Вучевиќ.
Тој идниот месец ќе наполни 35 години, а член на репрезентацијата е повеќе од деценија и пол. Ова беше четврто Европско првенство, не играше само во 2022 година, а настапи и на два Светски шампионати.


