Репрезентацијата на Србија синоќа доживеа болен пораз од Турција во последното коло од групната фаза на Европското првенство, но многу потешка за навивачите кај нашиот северен сосед беше можноста во продолжение од шампионатот, екипата да остане со само деветмина кошаркари.
Богдан Богдановиќ веќе си замина од Рига, пред мечот со Турција се повреди Тристан Вукчевиќ, а во текот на мечот истото му се случи на Алекса Аврамовиќ. Поради тоа со нетрпение се очекуваше информација за состојбата на двајцата кошаркари, а таа дојде од претседателот на КСС, Небојша Човиќ кој ги израдува фановите.
„Аврамовиќ имаше преглед и ќе биде се в ред. Што се однесува до Тристан Вукчевиќ, тој исто така ќе биде добар и се надевам дека во натамошниот дел од првенството ќе не заобиколат повредите“, рече Човиќ.
За Србите е добро што имаат два слободни дена пред осминафиналниот меч против Финска и тоа е можност повредените да заздрават, а оние кои го понесоа товарот досега, малку да одморат.


