Селекцијата на БиХ обезбеди пласман во осминафиналето од Европското првенство откако денеска во клучниот натпревар од групната фаза ја победи Грузија со 84-76.
Со биланс 3/2, Босанците имаат шанса дури и како третопласирани да влезат во нокаут делот, ако Шпанија вечерва загуби од Грција бидејќи во таков случај актуелниот европски шампион ќе биде елиминиран. Репрезентацијата на БиХ ја имаше контролата над резултатот во целиот тек од мечот, водеше и со 12 поени разлика (46-35) на голем одмор, а во третиот период имаше и +15, но дозволи противникот да го израмни резултатот во последната четвртина (69-69).
Сепак, следуваше серија од 11-2 која ги нокаутира Грузијците и на БиХ ѝ овозможи да го прослави првиот пласман во нокаут фазата по 1993 година кога дебитираше на континенталните натпреварувања како самостојна држава и во четвртфиналето дожувеа елиминација од Хрватска.
Роберсон со 16 поени беше најефикасен во босанската репрезентација, Нуркиќ оствари дабл дабл со 15 поени и 12 скока, а Лазиќ додаде 13 поени. Мамукелашвили со 20 поени ја предводеше Грузија која сега чека пораз на Шпанија за да го освои четвртото место во групата.
За БиХ ова е огромен успех ако се знае дека пред првенството остана без својот најдобар играч Џанан Муса кој е повреден, а Кошаркарскиот сојуз едвај собра финансиски средства да овозможи нормални подготовки.


