Италијанскиот стручњак кој ги оствари најголемите успеси во историјата на шпанската репрезентација, вечерва го имаше последниот натпревар како селектор на „фуријата“.
Серџо Скариоло помина вкупно 13 години на функцијата, прво од 2009 до 2012 и потоа од 2015 до 2025 година и за тој период освои вкупно осум медали на големите натпреварувања. Со него се поврзани сите четири титули на Шпанците на европските првенства (2009, 2011, 2015 и 2022 година) и еден од двата трофеја на Мундијалите (2019 година). Во меѓувреме освои и една бронза на континенталните шампионати и сребро и бронза на Олимписките игри каде под водство на Скариоло, Шпанија беше рамноправен ривал на американската репрезентација со сите најголеми ѕвззди во својот состав.
„Секоја љубовна приказна мора да заврши, ова е како кога брачна двојка ќе се разведе, но и понатаму заедно поминува време. Јас и Федерацијата имаме многу деца, ги сакав и гледав како растат. Мислам дека е време да му го оставам ова на некој друг. Никој не е незаменлив, па ни јас“, рече, меѓу другото, Скариоло по денешната елиминација.
Неуспехот на ова Европско првенство не може да го засени сето она што тој го направи за шпанската репрезентација и шпанската кошарка, а дури и по ваков резултат има многу позитивни работи кои тој ги остава зад себе. Пред се, младите кошаркари кои ги поведе со себе на шампионатот, а кои се иднина на „фуријата“ и кои за неколку години сигурно ќе ги ззаменат славните генерации на шпанската репрезентација.
Што се однесува до кариерата на Скариоло, ја продолжува на тренерската клупа на Реал Мадрид со кого потпиша договор уште пред почетокот на Европското првенство.


