Од денеска до недела во Копенхаген се одржува Европското 3х3 првенство на кое Македонија нема да има своја репрезентација, но ќе има свој претставник.
Поранешниот репрезентативец во овој спорт Ервин Цого како селектор на Швајцарија ќе се обиде да направи ново чудо откако во јуни годинава го освои сребрениот медал на Мундијалот во Монголија. Под водство на Цого, Швајцарците доживуваат експанзија во 3х3 поради што и очекувањата од претстојното првенство се многу поголеми.
„За разлика од составот што играше во Монголија, сега има двајца нови кошаркари бидејќи други двајца имаа обврски кон своите кошаркарски клубови каде настапуваат. Практично, одиме на Европското првенство со играчите кои триумфираа во квалификациите и го обезбедија ова учество. Целите се секогаш големи, ние самите си ја поставивме летвичката повисоко и сега сите од Швајцарија очекуваат добар резултат. Променет е менталитетот и на секое натпреварување ние ќе атакуваме на медал“, изјави Цого за КОШ.МК.
Швајцарската репрезентација е во групата А, со Србија и Италија, а во 10:30 часот го отвора првенството со дуелот против „аѕурите“. Денеска се играат сите три кола и до вечер ќе се знае дали Цого со Швајцарија обезбедил пласман во нокаут фазата.


