Далеку потешко од прогнозите, репрезентацијата на Турција обезбеди пласман во четвртфиналето од Европското првенство откако ја совлада Шведска со 85-79.
Турците беа на ниво само една четвртина, третата и на крајот таа се покажа доволна за да ја помина првата нокаут пречка. Швеѓаните одиграа одличен натпревар, веројатно беа и максимално потценети од фаворизираниот ривал на овој меч и малку недостасуваше да го искористат тоа за да дојдат до огромна победа.
На голем одмор се замина со 42-37 за селекцијата од Скандинавија, но сето тоа падна во вода во третиот период кога Турците ја стегнаа одбраната, направија серија од 14-0 и отидоа на двоцифрена предност. И тука Швеѓаните одбија да се предадат, ја анулираа негативата и израмнија прво на 69-69, а на нешто повеќе од две минути пред крајот и на 76-76. Искуството, сепак, беше на страната на турската репрезентација, па и покрај тоа што Шенѓун во финишот промаши четири слободни фрлања, селекцијата на Ергин Атаман обезбеди пласман во четвртфиналето.
Ако се исклучат промашените слободни фрлања, Шенѓун повторно беше убедливо најдобар играч, постигна 24 поени, 16 скока и 6 асистенции, Џеди Осман додаде 17 поени, а Ерџан Османи 14. Луде Хакансон ја предводеше Шведска со 16 поени, а Симон Биргандер оствари дабл дабл со 14 поени и 13 скока.
Во четвртфиналето, Турција ќе се сретне со подобриот од дуелот меѓу Полска и БиХ кој се игра утре.


