Откако вчера Србија доживеа елиминација од Европското првенство, денеска истата судбина ја дожива олимпискиот вицешампион Франција.
За новата сензација се погрижи Грузија која ги совлада „триколорите“ со 80-70 за свој најголем успех во историјата бидејќи никогаш не се пласирала во четвртфинале на Еуробаскетот и никогаш на претходните пет учества не била подобро пласирана од 11. место. За Франција ова е голем шок и покрај тоа што на шампионатот настапи со драстично подмладен состав и без голем број квалитетни кошаркари.
Победникот денеска се одлучуваше во последните три минути. Во претходните 37 репрезентациите се менуваа во водство, а на три минути пред крајот беше 68-68 и тоа беше последно израмнување на натпреварот. Шенгелија потоа погоди тројка, Болдвин беше фаулиран на шут за три и ги погоди сите слободни фрлања, а Грузија го заврши натпреварот со 12-2 што излезе клучно за триумфот.
Новиот играч на Барселона, Торнике Шенгелија беше најдобар во грузиската репрезентација со 24 поени и 8 скока, а 24 поени постигна и Камар Болдвин. Силвен Франсиско со 14 поени ги предводеше Фрзнцузите. Во четвртфиналето, Грузија ќе се сретне со Финска која синоќа ја приреди првата сензација, совладувајќи ја Србија.


