Селекторот на српската репрезентација Светислав Пешиќ е на удар на цела спортска јавност во неговата татковина откако „орлите“ синоќа доживеаја сензационална елиминација од Европското првенство, од Финска.
Логично е што сите побараа од него да се повлече од својата функција, но 76-годишниот стручњак не помислува на такво нешто.
„Јас оставки никогаш не давам. Зошто сега да поднесам оставка? Ја презедов репрезентацијата за да го уредам тоа што го уредив. По Олимписките игри никој не сакаше да работи тука, јас прифатив пред се од одговорност кон играчите. Ќе седнеме, ќе поразговараме, јас сум достапен за секаков вид помош и ангажман. Ова не е фудбал, оставки не се поднесуваат и нема причина за тоа“, рече Пешиќ по слетувањето во Белград.
Сепак, мора да се знае дека неговиот договор е со важност до крајот на септември и од Кошаркарскиот сојуз на Србија зависи дали соработката ќе биде продолжена или ќе се бара нов селектор. Српските медиуми веќе почнаа со лицитирање за неговиот можен наследник, но нема да биде изненадување ако тој ги почне квалификациите за Светското првенство кои стартуваат во ноември.


