Репрезентацијата на Словенија е седми учесник во четвртфиналето од Европското првенство откако попладнево ја совлада Италија со 84-77.
Иако финишот беше неизвесен и „аѕурите“ се заканија со пресврт, убедливо најзаслужен за триумфот е Лука Дончиќ кој уште еднаш ја демонстрира својата генијалност. Кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс постигна 22 поена во првата четвртина и го заврши мечот со вкупно 42 или точно половина од вкупниот број поени на словенечката репрезентација.
Словенците одлично го почнаа натпреварот, уште во првиот период направија двоцифрена предност, а на стартот од втората четвртина ги достигнаа највисоките +19 (32-13). Италијанците успеаја подоцна да се доближат на седум поени негатива, но во продолжение Словенија повторно отиде на огромна предност.
Кризата кај Дончиќ и неговите соиграчи дојде во последниот период кога се разигра Данило Галинари, Словенците не можеа да се снајдат во нападот и на 100 секунди пред крајот Италија се доближи на само еден поен негатива (77-78). Сепак, во клучните моменти одговорноста ја презеде Лука Дончиќ кој два пати беше фаулиран и погоди четири слободни фрлања, а Хроват на три секунди пред крајот стави точка на мечот.
Клемен Препелиќ, покрај Дончиќ, беше единствен со двоцифрен број поени (11), додека Фонтекиот ги предводеше Италијанците со 22 поена, но рано влезе во проблеми со лични грешки и мораше да го напушти теренот.
Во четвртфиналето, Словенија ќе се сретне со светскиот шампион Германија, а натпреварот се игра в среда.


