Репрезентативецот на Македонија, Андреј Јакимовски од неодамна е член на италијанскиот прволигаш Тренто, а ако се суди по почетокот на неговиот престој во овој клуб, ќе има фантастична сезона.
Тренто, кој е актуелен освојувач на Купот на Италија, досега одигра четири подготвителни натпревари, а Јакимовски е најефикасен играч во екипата. На овие четири меча постигна вкупно 54 поени што е просек од 13,5 на натпревар и тоа е одличен ефект ако се знае дека доаѓа во нова средина, со кошаркари со кои не играл досега. На два од овие четири натпревари, македонскиот репрезентативец беше прв стрелец, еднаш беше втор, а еднаш трет
Јакимовски беше најефикасен на мечот против АЕК, одигран во саботата на кој постигна 19 поени и доби признание за МВП на натпреварот.
Оваа недела Тренто го очекуваат исклучително сериозни тестови. Утре од 17:30 часот се среќава со шампионот Виртус кој најверојатно ќе биде комплетен бидејќи се враќаат италаијанските репрезентативци, а в сабота Тренто се среќава со Тревизо.


