Репрезентацијата на Финска го оствари најголемиот успех во својата историја откако денеска обезбеди пласман во полуфиналето на Европското првенство.
Во четвртфиналниот меч, Финците ја совладаа Грузија со 93-79, докажувајќи со тоа дека триумфот над Србија во претходната фаза не бил случајност. Денешната победа е апсолутно заслужена ако се знае дека Финска го диктираше темпото во најголемиот дел од мечот, водеше и со 20 разлика и не се соочи со поголеми проблеми во остварувањето на големиот успех.
Грузија се држеше само во првите седум минути во кои неколку пати имаше минимално водство. По 12-12, Финска направи 10-1, на минута пред крајот на четвртина првпат направи двоцифрена предност (25-15), а потоа предноста постојано се зголемуваше. Највисоката изнесуваше 20 разлика (57-37) пред крајот на првото полувреме по што се чинеше дека мечот е решен и дека останува само дилемата околу конечниот резултат.
Со тоа не се согласија Грузијците кои на почетокот од последниот период се доближија на само шест поени негатива (67-73), но тука застанаа. Финска направи серија од 8-0, нешто подоцна и од 9-0 и тука беше крај на сите надежи на Грузијците.
Јантунен со 19 поени беше најефикасен во финската репрезентација Марканен додаде 17, а Маџуни 15. Кај Грузијците, Мамукелашвили постигна 22 поена, но Ѓикиќ очигледно имаше проблем со тимот бидејќи искористи само деветмина кошаркари од кои еден играше едвај четири минути.
Во полуфиналето, Финска ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Германија и Словенија кој е на програмата вечерва од 20 часот.


