Репрезентацијата на Германија е последен полуфиналист на Европското првенство откако вечерва по голема борба ја победи Словенија со 99-91.
Германците не успеаја да го запрат Лука Дончиќ кој повторно беше блиску до трипл дабл, но ја ги затворија другите кошаркари кои не успеаја во доволна мера да му помогнат на својот најдобар играч. Словенечките кошаркари имаа многу забелешки на судењето, меѓутоа впечаток е дека одлучи подолгата клупа на противникот кој пстанува прв фаворит за титулата на овој шампионат.
Словенците водеа во најголем дел од мечот, на крајот од првата четвртина имаа +11 (32-21), а потоа и највисоките +13, но паднаа во второто полувреме. Проблемите почнаа со четвртата лична грешка на Лука Дончиќ на стартот од третиот период поради што безмалку цело второ полувреме мораше да внимава и да не игра агресивно. И во такви услови Словенците издржаа до крајот на третата четвртина кога дојде можеби клучниот период на мечот.
На истекот на третиот период, Словенија водеше со 74-67 и можеше да ја држи топката до крајот на четвртината. Николиќ, сепак, тргна кон кошот, на фантастичен начин си обезбеди позиција за шут од полудистанца, но шутираше мошне тврдо и промаши. Тристан да Силва ја прифати топката и со оглед на тоа што истекуваше времето, упати удар од центар и погоди што им даде крилја на Германците. Потоа тие го имаа првиот напад во последниот период, постигнаа кош и серијата ја завршија со 7-0 за израмнување на резултатот.
Словенците тука подзастанаа, Германија го искористи тоа за да поведе со 82-77, но на помалку од четири минути пред крајот Дончиќ имаше слободно фрлање за израмнување кое го промаши. Нападот затаи, Германците имаа повеќе решенија во нападот и на крајот се израдуваа на победата, повторно со речиси 100 постигнати поени.
Дончиќ го заврши натпреварот со 39 поени, 10 скока и 7 асистенции, Препелиќ додаде 13, а Хроват 11. Франц Вагнер ја предводеше Германија со 23 поени, а Шредер додаде 20. Во полуфиналето, репрезентацијата на Германија ќе игра со Финска во меч во кој ќе биде апсолутен фаворит.


