Репрезентацијата на Германија е прв финалист на Европското првенство откако попладнево ја совлада сензацијата Финска со 98-86.
Тоа беше втор дуел на овие две репрезентации на шампионатот, но за разлика од првиот меч кој им припадна на Германците со 30 разлика, сега беше нешто понеизвесно. Финците иако речиси постојано во негатива, на моменти ја враќаа драматиката и потсетуваа на претходните изданија, но не успеаја да приредат уште една сензација.
Репрезентацијата на Финска подобро го почна натпреварот и на средина од првата четвртина ги имаше највисоките +7 (16-9). Германците брзо се прегрупираа, со серија од 17-3 не само што го свртеа резултатот во своја корист, туку и направија предност исто така од седум разлика (26-19). Оттука почна доминацијата на германската селекција која во вториот период поведе и со 19 поени разлика (49-30). Кон крајот на третата четвртина Финска направи серија од 11-0 и се доближи на само шест поени (73-79), но тоа не беше доволно за пресврт против далеку поквалитетниот противник.
Денис Шредер одигра извонреден натпревар, постигнувајќи 26 поени, 12 асистенции и пет скока, Тајс исто така оствати дабл дабл со 10 поени и 11 скока, а Вагнер постигна 22 поена, но со лош шут од игра (6/19). Оливие Нкамуа беше најдобар во финската репрезентација со 21 поен и 9 скока.
В недела Германија ќе игра во своето трето финале на европските првенства и ќе се бори за втората титула, прва по 1993 година. Финска ќе се обиде да стигне до првиот медал во својата историја, против поразениот од дуелот меѓу Грција и Турција.


