Се уште актуелниот селектор на Србија, Светислав Пешиќ последните две недели е цел на критики во својата татковина поради лошиот пласман на Европското првенство, а за тоа време добива признанија во странство.
Денеска е објавено дека идниот месец тој е избран во Куќата на славните на шпанската кошарка како единствен тренер од Класата 2025. Во Шпанија не му ги забораваат годините поминати во Барселона и фактот што на каталонскиот клуб му ја донесе првата титула во Евролигата, како и успесите со Жирона, па поради тоа ја добива и оваа чест.
„Светислав Пешиќ е еден од великаните меѓу европските тренери. Во Шпанија ја водеше Жирона со која го освои Купот ‘Радивој Кораќ’ во 1995 година, потоа Валенсија, а најдлабока трага остави во Барселона со која ја освои две шампионски титули, три Купа и првата Евролига во историјата на клубот – во 2003 година“, стои во соопштението.
Покрај Пешиќ, во Куќата на славните во Класата 2025 влегуваат уште Руди Фернандес, Жорди Виљакампа, Луси Паскуа, Ана Белен Алваро и Џо Арлаукас, како и судијата Сантијаго Фернандес и Кошаркарските клубови Хувентут и Естудијантес. Свеченоста ќе се одржи на 16 октомври во Љеида.


