Македонскиот прволигаш Пелистер ќе игра во групната фаза од ФИБА Европа купот откако денеска доживеа елиминација во првиот меч од квалификациите за Лигата на шампионите.
Подобар од битолскиот тим беше Реџана од Италија која славеше со 99-87, потврдувајќи ја својата надмоќ во однос на нашиот претставник. Сепак, Пелистер не дозволи да биде посрамен, напротив, одигра квалитетен меч во кој настапи без двајца американски кошаркари на кои сметаше тренерот Боро Даскаловски.
Реџана добро го отвори натпреварот и во првата четвртина постигна дури седум тројки од девет шута. Тоа ѝ донесе предност осум разлика (31-23) по десет минути игра, во вториот период беше и +16 за Италијанците (58-42) и се чинеше дека Пелистер може да доживее убедливо пораз. Сепак, по највисоките 19 разлика (63-44), македонскиот тим успеа да се доближи на само седум поени негатива (59-66) во третиот период, +19 беше и во последната четвртина во два наврата, но Пелистер сепак се избори за пристоен пораз против четвртфиналистот во Лигата на шампионите од минатата сезона.
Кај Пелистер функционираше шутот од дистанца, битолчани погодија 14 тројки од 28 шута, најмногу (4) Брејси Дејвис кој беше и најефикасен со 20 поени, Вилсон додаде 18, а Малешевиќ 15. Пелистер се сели во ФИБА Европа купот каде за противници во групата ќе ги има Керавнос од Кипар, Цедевита Јуниор од Хрватска и најверојатно Патриоти Левице од Словачка. Реџана ги продолжува квалификациите во Самоков каде во полуфиналето ќе се сретне со Антверп од Белгија.


