Пред екипата на Барселона очигледно е уште една тешка сезона во која клубот, според ростерот и организацијата, е далеку зад својот најголем ривал Реал Мадрид, а се чини и од уште неколку други екипи во лигата.
Првпат по 18 години Барса не успеа да се пласира во финалето на Каталонскиот куп кој оваа недела се игра во Тарагона, откако синоќа загуби од Хувентут со 80-81 во четвртфиналето од ова натпреварување. Тимот од Бадалона беше во водство во најголемиот дел од мечот, но во финишот се играше израмнето и двете екипи имаа шанса за победа.
Во последните секунди Вил Клајбурн имаше шут за триумф на Барселона, но не беше прецизен и Хувентут се израдува на победата. Голем придонес за тоа имаа двајцата поранешни кошаркари на Барселона, Анте Томиќ и Рики Рубио.
Идната недела почнува новата сезона сезона во шпанската кошарка со Суперкупот што ќе се одржи во Малага, но првпат по 2017 година, Барселона нема да учествува на него. За првиот трофеј ќе се борат домаќинот и освојувач на Копа дел Реј, Уникаха, шампионот Реал и второ и третопласираните екипи од минатата сезона Валенсија и Тенерифе.


