Откако минатата недела го освои бронзениот медал на Европското првенство со грчката репрезентација, легендарниот грчки кошаркар Василис Спанулис денеска дојде и до првиот трофеј во тренерската кариера.
Со својот Монако, тој триумфираше во Суперкупот на Франција по победата против Ле Ман со 104-79 во финалниот меч. Уште на почетокот беше јасно дека Монако е огромен фаворит бидејќи првата четвртина ја доби со 30-16, па во натамошниот дел од мечот се избори и за убедлив триумф.
Спанулис ја почна својата тренерска кариера во 2022 година во Перистери со кого играше во финалето на Купот на Грција во 2023 година и на Ф4 од Лигата на шампионите лани, но не успеа да освои трофеј. Минатата година беше назначен за тренер на Монако со кого играше две финалиња, во Купот на Франција и во Евролигата, но во двете беше поразен.


