На нешто повеќе од една недела пред почетокот на новата сезона во Евролигата, Олимпијакос и Партизан се уште не ги комплетирале составите со кои треба да почнат.
Грчкиот шампион вчера триумфираше на турнирот на Крит, совладувајќи ја во финалето Црвена Звезда, но тренерот Јоргос Барцокас по мечот соопшти дека на екипата очајно ѝ е потребен нов бек.
„Луѓето од клубот веќе работат на тоа, гледаме натпревари, го анализираме пазаарот. Итно ни треба еден бек бидејќи сме под притисок во однос на почетниот план. Имаме два меча во Суперкупот, па пат во Шпанија и веднаш потоа новото првенство. Стартот на сезоната е многу тежок, а јас барам профил на играч кој може да го изнесе ова ниво, значи по можност НБА кошаркар со повеќегодишна кариера“, истакна Барцокас.
Партизан вчера ја заврши турнејата низ Австралија на која настапи ослабен, без четворица кошаркари, а цело лето, „црно-белите“ не успеаја да најдат квалитетен центар. Тренерот Жељко Обрадовиќ призна дека се уште нема ништо на таа тема и дека не знае кога точно ќе има комплетен тим на располагање. На центарската позиција е само Тајрик Џонс кој не отпатува во Австралија поради повреда.


