Серџо Скариоло и Чус Матео летово меѓусебно си ги сменија позициите бидејќи италијанскиот стручњак од селектор на Шпанија стана тренер на Реал, а во спротивна насока се упати неговиот претходник на клупата на „кралскиот клуб“.
Чус Матео денеска официјално е избран за нов селектор на шпанската репрезентација, промоцијата ќе се одржи утре напладне со што ќе почне новата епизода во неговата кариера. Тој ја доби довербата во конкуренција на Пабло Ласо, Чави Пасквал и Хаума Понсарнау и ќе дебитира во квалификациите за Светското првенство кои стартуваат во ноември.
Со оглед на тоа што нема големо натпреварување догодина, токму Мундијалот во Катар во 2027 ќе биде можност тој да се бори за првиот медал на репрезентативно ниво, а дотогаш да ја „расте“ новата генерација во шпанската репрезентација.
Матео помина во Реал повеќе од една деценија, осум години како помошник и три како прв тренер при што освои вкупно 26 трофеи. Во 2023 година триумфираше во Евролигата, а последните две сезони на доминантен начин го освои шпанското првенство. Тој ќе биде 20. селектор во историјата на шпанската репрезентација, а прв по точно една деценија колку што траеше вториот мандат на Серџо Скариоло.


