Денеска во организација на КК Вардар започнува престижниот меѓународен турнир на Европската младинска кошаркарска лига (EYBL) за генерација У16.
Натпреварите ќе се играат од 25 до 28 септември 2025 година во спортската сала Кале – Мала сала, каде што публиката ќе има можност да ужива во вистински кошаркарски спектакл. Во рамките на првиот турнир на натпреварувањето, ќе се одиграат вкупно 9 натпревари во групата 1. Покрај домаќинот КК Вардар, ќе учествува и вториот македонски претставник ИБА, потоа екипи од Полска, Романија и интернационална селекција BasketBeats Prep.
Турнирот е прва прилика за младите таленти од регионот и Европа да се надигруваат на највисоко ниво и да стекнат меѓународно искуство. Вториот турнир од оваа група ќе се одигра во Унгарија. По завршувањето на двете фази, најдобрите две екипи ќе обезбедат пласман на финалниот турнир на EYBL, каде ќе се борат за престижниот трофеј и титулата европски шампиони во оваа млада возрасна категорија. Овој турнир е од огромно значење не само за КК Вардар, туку и за македонската кошарка во целина. Учеството на EYBL турнирите им овозможува на младите кошаркари да се натпреваруваат со врсници од реномирани школи ширум Европа, да ја подигнат својата игра на повисоко ниво и да стекнат непроценливо искуство во меѓународна конкуренција.
Влезот во Кале е слободен – сите љубители на кошарката се добредојдени да дојдат и да ги бодрат младите таленти.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕКИПИ
25.09.2025
Вардар – Лагуна Шаркс 17:00
ИБА – Шчечин 19:00
26.09.2025
Вардар – Шчечин 17:00
ИБА – Лагуна Шаркс 19:00
27.09.2025
Вардар – BasketBeats Prep 12:00
28.09.2025
ИБА – BasketBeats Prep 10:00


