Откако на почетокот на летото објави крај на кариерата, одлуката предизвикана од серијата повреди, поранешниот хрватски репрезентативец Бојан Богдановиќ е на чекор од враќање во домашната кошарка, но сега во друга улога.
Медиумите во неговата татковина објавија дека на поранешниот кошаркар на Реал, Бруклин, Вашингтон, Индијана, Јута, Детроит и Њујорк му е понудена претседателската функција во Цибона која последните години е во исклучително тешка состојба и повеќе пати на раб на егзистенција. Процесот на консолидација е веќе почнат, а идејата е Богдановиќ да го води целиот процес и да ги искористи своите конекции за да го врати клубот на шампионските патеки.
Поранешниот крилен играч играше за Цибона од 2009 до 2011 година, оттаму замина во Фенербахче каде настапуваше три сезони по што се пресели во НБА. Таму одигра 719 натпревари со солиден просек од 15,6 поени по меч.
Цибона минатата сезона испадна од АБА лигата и претстојната кампања ќе се натпреварува во АБА 2 каде прв противник ќе ѝ биде македонскиот вицешампион ТФТ.


