Иако тогаш беше далеку од она што претставува во моментов, новиот играч на Партизан, Мика Муринен пред две години учествуваше на Европското кадетско првенство што се одржа во Скопје и остави одличен впечаток, на индивидуален план.
Уште тогаш македонската публика имаше можност да види за каков талентиран, но и атрактивен кошаркар се работи. Муринен воодушеви со голем број атрактивни забивања и блокади иако не успеа да ѝ помогне на Финска да оствари забележителен резултат. Тој заврши како најдобар блокер со 2 блокади по натпревари и како трет стрелец со 16,9 поени, но и овие бројки не зборуваат доволно за неговите квалитети.
Финска на тоа првенство оствари само една победа на седум натпревари, исто како и Македонија, но триумфираше во клучниот меч, осминафиналниот и тоа ѝ обезбеди опстанок. Македонската репрезентација единствената победа ја забележа во групната фаза и на крајот го освои последното место поради што испадна во Б-дивизијата.


