Проектот на НБА Европа со секој нов ден станува се поконкретен, а за неговата сериозност, како што објавува угледниот Форбс, придонесува и директната инволвираност на американската суперѕвезда Кевин Дурант.
Пред неколку месеци, тој влезе во сопственичкиот тим на ПСЖ со околу 2% од акциите, а парискиот клуб со својата кошаркарска секција која допрва треба да биде формирана е еден од проектираните учесници во новото натпреварување. Тоа ќе биде само иницијална точка за Дурант кој е планиран за водечко лице на НБА Европа, најверојатно како комесар на лигата.
Тоа треба да се утврди во иднина, а со оглед на плановите, НБА Европа да почне во 2027 или 2028 година, многу веројатно Дурант до тогаш ќе ја заврши играчката кариера бидејќи е тешко да се замисли во исто време да биде активен кошаркар и лидер на лига.
Последните информации во врска со НБА Европа велат дека се водат завршни преговори со ФИБА и се утврдува форматот по кој ќе се одржува натпреварувањето. Планирано е да учествуваат 16 екипи од кои 12 фиксни, а четири варијабилни, врз основа на нивните резултати. Тоа значи дека лигата ќе биде полузатворена, но ќе го задржи американскиот спортски бизнис модел.


