Вицешампионот на Македонија, Крива Паланка ја оствари првата меѓународна победа во својата историја откако вечерва на домашен терен ја совлада Подгорица со 58-45 во воведното коло од новата сезона во ВАБА лигата.
Како за дебитант во регионалното натпреварување, Крива Паланка изгледаше извонредно на теренот, а очигледно е дека младиот тренер Виктор Петровски одлично си ја завршил својата работа при анализата на противникот. Македонскиот тим беше во негатива само во првата минута кога Подгорица водеше со 2-0.
Крива Паланка брзо го сврте резултатот во своја корист, по серијата од 8-0 поведе со 19-7, а во останатиот дел од мечот речиси постојано имаше двоцифрена предност со тоа што највисокото изнесуваше 14 поени (41-27 и пред крајот 54-40). Подгорица апсолутно немаше шанси за евентуално изненадување на овој натпревар.
Најдобри на натпреварот беа трите американски кошаркарки, плус македонската репрезентативка Михаела Алексовска. Нијхуес постигна 18 поени и 15 скока, Пул додаде 17 поени, Грин 11, а Алексовска 10. Вториот меч Крива Палнака го игра утре против босанскиот претставник Бановиќи.


