По две кола во новата сезона во Евролигата, Црвена Звезда има исто толку порази и заедно со повредите што ги доживеаја неколку важни играчи, прави стаартот на сезоната да биде кошмарен за белградскиот тим.
Откако пред два дена загуби од Олимпија Милано на домашен терен, Звезда вечерва е совладана и на гостувањето кај Баерн. Германскиот шампион славеше со 97-88, пред се благодарение на подобрата игра во второто полувреме кое го доби со 47-33. Звезда имаше контрола на резултатот во првиот дел во кој постигна 55 поени, но потоа дојде до голем пад во играта и Баерн го искористи тоа за да дојде до својата прва победа во сезоната.
Андреас Обст имаше своја вечер, погоди девет тројки од 16 шута и натпреварот го заврши со 31 поен. Со тоа го елиминира ефектот на Нвора кој постигна 27 поени и долго го носеше гостинскиот тим.
Првата победа во сезоната ја оствари и Реал кој пред своите навивачи го победи Олимпијакос со 89-77. Грците фантастично го почнаа мечот, погодија седум тројки во првата четвртина и имаа двоцифрена предност, но во последниот квартал беа очајни и постигнаа само осум поени при што шест минути беа без кош.
Кај Олимпијакос потфрлија некои од клучните играчи, пред се Везенков кој постигна 13 поени, но со лош шут од игра (2/8). Хезоња го предводеше Реал со 18 поени.


