Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје успешно ја почна новата сезона откако триумфираше во Суперкупот и потоа го совлада Маџари во првото коло од првенството.
Со оглед на тоа што повторно ќе игра во повеќе натпреварување, за тимот од Аеродром претстои тежок период, со дуели и во АБА 2 лигата од кои првиот е во вторник против Вршац од Србија. Еден од најискусните во тимот Бојан Крстевски е задоволен од двете победи на почетокот, но посакува серијата да продолжи и на меѓународна сцена.
„Дуелот со Маџари беше потежок отколку што очекувавме, но сепак ја имавме контролата над резултатот и играта и заслужено победивме. Сега не очекува натпревар од АБА 2 лигата против Вршац, незгодна екипа, составена претежно од млади играчи, но и со три странски засилувања.
Имаме неколку дена добро да се подготвиме и да дојдеме до првата победа оваа сезона во АБА 2. Целите на МЗТ Скопје секогаш се највисоки, а во овој случај, тоа е прво пласман во плејофот, а потоа, натпревар по натпревар и во АБА лигата. За да го оствариме тоа, потребна ни е помош од навивачите, почнувајќи уште од натпреварот со Вршац и затоа очекувам трибините во ‘Јане Сандански’ да бидат исполнети во вторник“, истакна Крстевски.
Ждрепката сакаше МЗТ Скопје да добие по три противници од Србија и БиХ и два од Црна Гора во лигашкиот дел, а потребно е да го освои најмалку осмото место за да обезбеди пласман во плејофот. Што се однесува до дуелот со Вршац, управата на МЗТ веќе одлучи влезот да биде слободен со цел кошаркарите да добијат што е можно поголема поддршка од трибините.


