Македонскиот шампион МЗТ Скопје утре ја почнува новата авантура во АБА 2 лигата, со дуелот против Вршац на домашен терен.
Во новата сезона во регионалното натпреварување ќе се игра по променет систем,, без групи, туку по принципот во фудбалската Лига на шампиони кој почнаа да го преземаат се повеќе првенства во светот. Секоја екипа доби осум ривали со кои ќе се сретне само по еднаш, на гости или на домашен терен, бодовите се собираат и најдобрите осум продолжуваат понатаму.
Откако последните три години освои се што можеше да се освои на домашна сцена, МЗТ Скопје ќе се обиде да се врати во елитната конкуренција од АБА. Српските клубови оваа сезона нема да бидат ривали затоа што во првата лига е исполнета квотата од шест екипи од оваа држава, додека од останатите, се чини дека најсериозен противкандидат е Цибона иако најавите се дека загрепскиот тим во АБА 2 ќе игра со младинскиот состав затоа што сениорите ќе се чуваат за домашното првенство и ФИБА Европа купот.
Пред утрешниот натпревар против Вршац, тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов ги откри своите очекувања.
„Новиот систем според кој ќе се игра во АБА2, ја зголемува важноста на секој натпревар, бидејќи едноставно немате право на кикс ако сакате да се борите за највисок пласман. МЗТ Скопје дефинитивно го сака тоа, поради што во мечот со Вршац влегуваме мотивирани и со желба да покажеме дека сме меѓу фаворитите за врвот од табелата. Сите знаат дека нашите навивачи се нашето најсилно оружје и јас ги повикувам да дојдат во што поголем број за да ни помогнат регионалната сезона да ја почнеме со значајна победа“, рече младиот стручњак.
МЗТ Скопје на утрешниот натпревар ќе биде речиси комплетен бидејќи се враќа Илајџа Мекејден, а ќе недостасува само повредениот Андреј Маслинко.


